Претседателот на Украина, Володимир Зеленски пристигна во Канада, каде, како што наведе, „планирани се голем број важни состаноци и договори, кои ќе го одредат правецот на нашата соработка и ќе го консолидираат веќе стратешкото ниво на нашите односи во годините што доаѓаат“.
– Пристигнав во Канада. Канада беше и останува еден од нашите најблиски партнери. Ја цениме целата поддршка од Канаѓаните и одлуките што ѝ помагаат на Украина да остане стабилна и да го заштити својот народ – истакна Зеленски.
Тој додаде дека на средбата со премиерот на Канада, Марк Карни, ќе се разговора за заштитата на украинскиот воздушен простор, подготовката за зимата и зајакнувањето на отпорноста на земјата.
– Ќе разговараме како да ја зајакнеме нашата отпорност, да ги поддржиме луѓето и да обезбедиме Украина да ги има потребните капацитети за да се одбрани – посочи Зеленски.
Тој во Канада е придружуван и од првата дама Олена Зеленска, која ќе се сретне со филантропи кои ја поддржуваат Украина.
































