Фото: Принт-скрин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ситуацијата во Мариупол е многу тешка.
– Нашите војници се блокирани, повредените се блокирани. Хуманитарна криза е … Сепак, момчињата се бранат – изјави Зеленски за „Украинска правда“.
Тој рече дека разговарал со лидерите на Обединетото Кралство и Шведска за тоа како најдобро да им се помогне на оние што го бранат Мариупол и десетиците илјади цивили заробени во опколениот град.
Украинскиот претседател смета дека судбината на Мариупол може да се реши или со борби или со дипломатија, пренесуваат странските агенции.
– Или нашите партнери веднаш ѝ го дадат на Украина целото неопходно тешко оружје за да можеме да го намалиме притисокот на окупаторите врз Мариупол и да ја пробиеме блокадата или тоа ќе го правиме преку преговори, во кои улогата на нашите партнери треба да биде одлучувачка – рече Зеленски.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека животите на украинските сили кои се уште се борат во Мариупол ќе бидат поштедени доколку го положат оружјето во 6 часот наутро по московско време, пренесуваат странските агенции.

Русија претходно соопшти дека ги исчистила од отпор сите урбани области во Мариупол.

Се додава дека останатите борци во опколениот пристанишен град, за кои Русија вели дека се и украински и странски, се блокирани во фабриката за челик Азовстал.

Генерал полковник Михаил Мизинцев, директор на Рускиот национален центар за управување со одбраната, рече дека понудата на Москва е поттикната од „катастрофалната ситуација“ во фабриката, како и од „чисто хумани принципи“.

– Гарантираме дека животите на сите кои ќе го положат оружјето ќе бидат поштедени – рече тој.

Според условите на предложениот договор, преостанатите бранители во фабриката треба да ја напуштат во периодот од 6 до 13 часот по московско време, без оружје и муниција.