Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека Русија сака само продолжување на војната, па затоа на Украина и треба оружје за заштита од рускиот терор и зајакнување на дипломатските позиции.
– Русија сака само да ја продолжи војната, а секој нејзин удар ги побива сите нивни изјави за дипломатијата. На Украина и треба оружје за заштита од рускиот терор и посилна поддршка од светот за дипломатијата да стане реална и силна. Без принципиелни одлуки и силна поддршка Русија нема да има мотив да бара мир во Украина, туку само ќе бара нови цели – напиша Зеленски на каналот Телеграм, во врска со рускиот ракетен напад врз Криви Рог во Днепропетровскиот регион, во кој беа повредени осум лица, меѓу кои две деца и уништен беше влез на петкатница.
Зеленски истакна дека Руската Федерација „го врши истиот терор секој ден и ноќ. Освен што се поголем број цивилни објекти стануваат мети“.
Претседателот пријави седум жртви како резултат на ракетниот напад на Криви Рог, меѓу кои и две деца.
– Во тек е итна спасувачка операција, се прават максимални напори да се спасат животи. Можно е да има луѓе под урнатините – рече Зеленски.
Канцеларијата на украинскиот јавен обвинител веќе пријави осум жртви, меѓу кои десетгодишно девојче и единаесетгодишно момче.
Поведена е предкривична истрага за прекршување на законите и обичаите на војната.