Фото: Веб-страница на украинскиот претседател

Украинскиот претседател Влaдимир Зеленски изјави дека во руските напади врз Украина биле уништени стотици болници и други институции, а лекарите останале без лекови за лекување на рак и дека не можат да вршат операции.

Зеленски во видеопорака до хуманитарна медицинска организација рече дека на многу места на истокот и југот на Украина, каде што се водат главните битки, недостасуваат дури и основни антибиотици.

– Ако ја погледнеме само медицинската инфраструктура, до денеска, руските сили уништија или оштетија речиси 400 здравствени установи: болници, породилишта, клиники – рече тој во видеообраќањето до присутните на настанот.

Тој тврди дека ситуацијата во областите под руска контрола е катастрофална.

– Воопшто нема лекови за третман на болните од рак. Речиси и да нема инсулин за дијабетичари. Невозможно е да се извршат операции. Нема ниту антибиотици – изјави украинскиот претседател.