Украинските власти ја повикуваат Европската унија да ѝ даде веднаш членство на Украина, со специјална процедура. Ваквото барање утринава го истакна украинскиот претседател, Володимир Зеленски, за време на неговото видео обраќање на Телеграм, јави дописник на Укринформ.
– Европејците се свесни дека нашите војници се борат за нашата земја, па затоа и за цела Европа, за мирот на сите ЕУ земји, за животите на децата, за еднаквост, за демократија. Ова ни даво целосно право да побараме од ЕУ, Украина веднаш да стане членка, преку нова специјална процедура – истакна Зеленски.
Тој изрази благодарност до партнерите за нивната поддршка за Украина, особено, за одлуката да ја снабдат земјата со оружје и со други средства. Истовремено, претседателот појасни дека целта на Украина е да биде заедно со сите Европејци, како и најважното, да биде еднаква. Тој е убеден дека Украина го заслужува ова и дека тоа е и фер и можно.
Како што пренесува медиумот, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека ЕУ сака да ја види Украина во Унијата. Таа додаде дека тоа ќе се случи со текот на времето.