Европа

Здравствените системи во повеќе земји во Европа повторно се под голем притисок поради брзото ширење на сојот омикрон за време на празниците, а експертите предупредуваат дека врвот на инфекцијата допрва доаѓа. И покрај првичните истражувања, кои покажаа дека ризикот од тешка болест и хоспитализација поради омикрон е помал отколку во делта-варијантата што беше доминантна досега, здравствените системи во Шпанија, Велика Британија и во Италија, како и во други држави, сѐ повеќе се во неповолна положба, бидејќи многу работници се болни или во изолација.
Велика Британија во петокот започнала да распоредува воен персонал за да им помогне на болниците што немаат доволно персонал и се под голем притисок поради големиот број пациенти.
– Омикрон значи повеќе пациенти за лекување и помалку персонал за лекување – сметаат здравствените експерти.
Британскиот министер за здравство Саџид Џавид изјави дека очекува следните недели да бидат тешки поради голем број инфекции. Во меѓувреме, како резултат на недостигот од работен кадар во земјите во Европа поради големата стапка на заразеност, неколку држави го скратија времетраењето на карантинот на заболените од десет на седум, а некаде и на пет дена.