Леонардо, сведок на страшната несреќа кај Венеција, за италијанскиот Ла пресе (LaPresse) опишува што слушнал кога се случила несреќата.
Во моментот на несреќата тој се наоѓал во стан недалеку од местото на несреќата.
-Слушнав силно сопирање, мислев дека е воз. Потоа звук на тап, тап удар. Се стресов и погледнав надвор, видов чад и луѓе кои повикуваат на помош – вели Леонардо.
-Веднаш излегов надвор, кога стигнав до автобусот, врисоците се претворија во мртва тишина. Сакав да помогнам, но другарката и полицајката ме спречија бидејќи автобусот сè уште беше во пламен и постоеше опасност од експлозија. Останав таму додека не дојде помошта, која пристигна по дваесетина минути – опишува Леонардо.
Најмалку 21 лице загина во трагедијата на автобусот, кој од висина од десет метри падна врз електрични жици во близина на железничката станица во градот Местре, во близина на Венеција.
Украинци, Германци и Французи се меѓу жртвите на автобусот што синоќа излета од надвозник во северна Италија и се запали, соопштија локалните власти.
Според локалните медиуми, автобусот ги носел туристите на кампување во квартот Местре – Маргера. Меѓу повредените, покрај тројца Украинци, Германец и Французин, има и еден Хрват.
Меѓу идентификуваните жртви во автобуската несреќа во Местре има Германец, пет Украинци и Италијанец, кој управувал со автобусот, потврди префектот на Венеција, Микеле ди Бари. Во несреќата загинаа две деца. Причината за несреќата сè уште не е јасна.
-Тоа е апокалиптична сцена. Јас сум без зборови – објави градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро, на X (Твитер).
„Скај Италија“ објави дека голем број тела биле извлечени од урнатините откога автобусот се запалил. Во несреќата се повредени 18 лица.