Фото: Пиксабеј

Значаен чекор кон нормализација на односите на Западот со Русија

Најавеното враќање на Меѓународниот монетарен фонд во Русија по четири години е предвидено да почне денеска, со онлајн-разговори со руските власти, додека делегација на ММФ ќе ја посети Москва на 1 октомври, наспроти изразеното незадоволство на некои од земјите членки на ЕУ

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја планира првата официјална мисија во Русија од почетокот на војната во Украина, изјави за „Ројтерс“ рускиот извршен директор на ММФ, Алексеј Можин. Оваа мисија го означува враќањето на ММФ во Русија по речиси четири години. Предвидено е да почне денеска со онлајн разговори со руските власти, додека делегација на ММФ ќе ја посети Москва на 1 октомври, пренесуваат светските медиуми.

Продолжуваат годишните прегледи на руската економија

ММФ објави дека ќе продолжи со годишните прегледи на руската економија. Овој преглед, познат како преглед на членот четири, се смета за обврска на ММФ кон неговите членки и се вели дека е насочен кон зајакнување на регионалната економска стабилност.

Сепак, министерските тела на нордиските и балтичките земји и Полска испратија писмо до Георгиева во кое изразуваат загриженост за процесот што го сметаат за почеток на нормализација на односите со Москва. Тие изразија страв дека првата посета на голема меѓународна организација на Русија по инвазијата може да послужи како пропагандно средство за Москва.

Според последните информации, ММФ планира денеска да почне онлајн разговори со руските власти, по што ќе следува посета на Русија на средби лице в лице, закажана за 1 октомври. Изворите велат дека ММФ се обидува да ја убеди Русија да одржува состаноци во трета земја, за да се намали ризикот од користење на активностите во пропагандни цели.

Министрите за финансии на осум земји од ЕУ неодамна нагласија дека Русија шири лажна слика за силата на нејзината економија, додека западните санкции всушност сериозно ја погодија нејзината воена машина. Мисијата на ММФ ќе ја предводи Аргентинецот Жак Миниане. Можин, ветеран на ММФ, кој го надгледуваше пристапувањето на Русија во организацијата во 1992 година, планира да се повлече од 1 ноември, но ќе помогне во водењето на мисијата. Замена за Можин ќе биде Ксенија Јудаева, централна банкарка и блиска соработничка на гувернерката на Народната банка на Русија, Елвира Набиулина, која е под санкции од април 2022 година.

Одлуката на ММФ предизвика загриженост низ ЕУ

Одлуката на Кристалина Георгиева, шефица на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), да ја продолжи соработката со Русија предизвика силна загриженост кај земјите од Европската Унија, пишува „Европска правда“. За време на состанокот на амбасадорите на ЕУ одржан во средата, Франција, Белгија, Полска и неколку балтички и нордиски земји ги изразија своето изненадување и незадоволство од оваа одлука.
Според информациите од извори блиски до дискусиите, Литванија изразила намера директно да разговара со Георгиева за ова прашање. Литванскиот функционер истакна дека одлуката на ММФ може да се сфати како поддршка на авторитетот на рускиот претседател Владимир Путин, што е спротивно на напорите на ЕУ и САД да ја изолираат Русија. Е.Р.