Фото: Принтскрин

Државната полиција во Пенсилванија идентификуваше еден полицаец кој беше убиен и еден тешко повреден во нападите во саботата што ги изврши вооружен маж, кој упадна во касарна на државната полиција и отвори оган, а подоцна беше убиен по потера и размена на оган.

Со убиството и ранувањето на полицајците, билансот на престрелките минатиот викенд во Пенсилванија се искачи на шест смртни случаи и повеќе од 10 ранети.

Полицаецот Жак Ружо Јуниор (29) е убиен, а поручникот Џејмс Вагнер (45) е тешко повреден, додека напаѓачот Брендон Стајн (38) од Томпсонтаун побегнал, но бил убиен по потера, соопшти полицијата.

Официјални лица потврдија дека мотивот за нападот сè уште не е јасен, но велат дека Стајн го внел својот пикап на паркингот во касарната Луистаун во округот Џунијата околу 11 часот во саботата и отворил оган со пушка со голем калибар кон обележаните патролни автомобили, а потоа избегал.

Потполковникот Џорџ Бивенс, заменик-комесар за оперативни активности, кој ја координираше потерата од хеликоптер, рече дека Стајн изгледа како да си игра „мачка и глушец“, наведувајќи дека бегалецот прво повикал Итна помош на одредена локација, но не почекал, туку продолжил да бега.