Група високи офицери на армијата на Габон денеска излегоа на националната телевизија, каде рекоа дека ја презеле власта откако изборното тело на земјата објави дека претседателот Али Бонго освоил трет мандат.
Офицерите за телевизискиот канал „Габон 24“ истакнаа дека ги претставуваат сите безбедносни и одбранбени сили во централноафриканската држава. Тие рекоа дека резултатите од изборите се поништени, сите граници се затворени до понатамошно известување, а институциите се распуштени.
Се слушаат силни пукотници во главниот град Либервил по телевизиското обраќање на армијата.
Владата на земјата-членка на ОПЕК (Организација на земјите извознички на нафта) веднаш не го коментираше настанот.
-Во име на габонскиот народ, решивме да го зачуваме мирот со ставање крај на сегашниот режим – рекоа офицерите.
Државните институции што ги прогласија за распуштени се владата, сенатот, народното собрание, уставниот суд и изборната комисија.
Пучот, доколку биде успешен, би бил осмиот во Западна и Централна Африка од 2020 година. Државните удари во Мали, Гвинеја, Буркина Фасо, Чад и Нигер ги поткопаа демократските процеси во изминатите неколку години.
Тензиите беа големи во Габон поради стравувањата од немири по општите избори во саботата, на кои Бонго се обиде да го продолжи 56-годишното владеење на неговото семејство додека опозицијата притискаше за промени во државата богата со нафта и какао, но погодена од сиромаштија.