Првата вечер на малата сцена во домот на културата „Марко Цепенков“ вечерва ќе ја отворат Добрила Грашеска и Доријан Јовановиќ, кои ќе го презентираат својот последен проект „Пиле шарено“

Во организација на здружението за супкултура „ПП џез-фестивал“ до 2 септември во Прилеп се одржува дванаесеттото издание на „Прилепскиот џез-фестивал“, чиј концепт останува ист, така што се предвидени два концерта во оф-програмата и три вечери во домот на културата „Марко Цепенков“.

Фестивалот оваа година на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука го отвори Џенгис Ибрахим, еден од врвните музичари на Балканот што се концентрирани на ориенталната музика. На овој настап тој изведе композиции што комуницираат со архаичниот амбиент и ги рефлектираат неговите импресии од интеракцијата со древниот свет. Во клубот „Калинка“ настапи „Некс ту сајленс“, бенд што започна со свирење реинтерпретирани мелодии од музичари што издаваа за музичката куќа ECM, но толку многу уживаше во ваквата игра што продолжи со создавање и своја музика. Во составот на бендот се: Ади Имери – гитара, Филип Димишковски – клавијатури, Драган Стојковски – бас, Гоце Наумов – барабани.

Првата вечер на малата сцена во домот на културата „Марко Цепенков“ вечерва ќе ја отворат Добрила Грашеска и Доријан Јовановиќ, кои ќе го презентираат својот последен проект „Пиле шарено“. Од познати до непознати песни од македонското поднебје, со поинакви аранжмани и изрази, „Пиле шарено“ е албум што има за задача да отвори ново поглавје, да покаже различен дискурс на нешто колку познато толку и непознато, да испраша и да израдува.

Вториот дел од вечерта е резервиран за најновото сновидение на Јордан Костов, „Џингарабуши“ – разнобојни лица и инструменти, познати и непознати, кои на јаве ќе се сретнат на сцената на годинешниот „Прилепски џез-фестивал“. Составот, кој е резултат на многубројните авантури на композиторот скитник е сочинет од вокалите и флејтите на Нао Иизука, гитарата на Хисао Фукушима, пијаното на Гензох Такехиса, гајдата на Шин-ја Охно, баритон-саксофонот на Андреас Гунтер и перкусиите на Дамјан Грујо. Костов повторно ги спојува Истокот и Западот диригирајќи со овој ексцентричен јапонско-германско-македонски оркестар, во кој очекувано се придружува со хармониката, неговиот примарен инструмент.

Втората вечер (1 септември) на малата сцена во домот на културата „Марко Цепенков“ ќе ја отвори „Сутсејер“, бенд што го сочинуваат тројца млади, но веќе етаблирани музичари, кои ја истражуваат класичната музичка форма сакс-бас-тапани трио и многу се забавуваат додека го прават тоа. Нивниот звук може да се опише како суров, енергичен и ризичен, со разновиден опсег на влијанија. Во бендот членуваат: Ленарт де Бок – тенор и сопран-саксофон, Милош Чоловиќ – контрабас и Себастијан Баумгартнер – тапани и перкусии.

Во вториот дел од вечерта ќе ги гледаме милениците на прилепската публика „Фолтин“, македонски бенд активен од 1995 г. Музиката на „Фолтин“ тешко се дефинира, звукот е непредвидлив и предизвикувачки, надреален, страстен и духовит, динамичен и полн со изненадувања, спојувајќи многу жанрови како алтернатива, светска музика, фанк, електроакустика, џез и други. Нивната музика е свежа, топла, бескрајно имагинативна и има моќ да ги натера луѓето да се чувствуваат прегрнато и воздигнато. Во бендот се: Пеце Николовски – кларинет, хармоника, перкусии, ефекти, Бранислав Николов – глас, гитара, Пеце Трајковски-Брада – гитара, хармоника, клавир и перкусии, Гоце Јованоски – бас и Славчо Јовев – тапани.

Први на последната вечер (2 септември) на малата сцена ќе ги видиме гостите од Србија „3Гономе3“, моќно експериментално трио составено од фантастични музичари мајстори на импровизацијата во состав: Душан Петровиќ – саксофон,
Немања Аќимовиќ – тапани, Томислав Рале Марјановиќ – контрабас.

Фестивалот ќе го затвори „Интергалактик мјутант фанк“, колектив од музичари чие основање е поттикнато од желбата за поспонтана егзистенција, танц, слободно себеизразување и топење во грув-базирана композиција и импровизација. Во составот на колективот се: Ади Имери – гитара и вокал, Дамир Имери – клавијатури и Александар Ванчовски-Џигер – тапани. В.Д.