Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека израелската војна во Газа може да се прошири надвор од Блискиот Исток, велејќи дека не е во ред жените, децата и постарите лица во палестинската енклава да бидат казнети за туѓи злосторства.

– Нашата главна задача е да го запреме крвопролевањето и насилството –  рече тој на состанокот во Кремљ со руските верски водачи од различни вери, според транскриптот на Кремљ.

Рускиот претседател, кој води сеопфатна војна во соседна Украина од февруари минатата година, рече дека во телефонски разговори им рекол на другите светски лидери дека ако не се прекине израелската воена кампања во Газа, постои ризик од многу поширок пламен.

– Понатамошната ескалација на кризата носи ризик од тешки и крајно опасни и деструктивни последици. И не само за регионот на Блискиот Исток. Може да се излее далеку од границите на Блискиот Исток – додаде тој.

Во забелешките со кои го критикува Западот, тој рече дека одредени неименувани сили сакаат да предизвикаат понатамошна ескалација и да вовлечат што е можно повеќе земји и народи во конфликтот.

Целта, рече тој, е „да се започне вистински бран на хаос и меѓусебна омраза не само на Блискиот Исток, туку и далеку надвор од неговите граници“.

– За таа цел, меѓу другото, тие се обидуваат да си играат со националните и верските чувства на милиони луѓе – рече Путин.

Кремљ во четвртокот соопшти дека треба да продолжат напорите за постигнување договор за „урамнотежена“ резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации за конфликтот меѓу Израел и Хамас.

Претходно, Русија и Кина ставија вето на резолуцијата подготвена од САД со која се повикува на „хуманитарна пауза“ за да се овозможи пристап на помошта, да се заштитат цивилите и да се запре вооружувањето на Хамас, кој владее со Газа, и другите вооружени групи во енклавата.

Дипломатите забележаа дека хуманитарната пауза не е исто што и прекинот на огнот, кој беше поддржан од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Паузата може да трае само неколку часа.

Русија даде контрапредлог до ОН, кои се залагаа за поширок прекин на огнот, опција за која вели дека е „многу поизбалансирана“, но предлогот не доби доволно гласови.

– Мораме да повикаме на прекин на огнот и не можеме да ги осудиме постапките само на едната страна –  изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Резолуцијата треба да биде избалансирана и тука треба да продолжат дипломатските напори  -рече тој.

Израел се спротивстави и на прекинот на огнот и на хуманитарната пауза.

Во текот на ноќта од средата кон четвртокот, израелската војска започна целен копнен напад врз Газа, како дел од „подготовките за следните фази од борбата“, за кој нашироко се очекува да биде целосен копнен напад.

Во израелските воздушни напади врз Газа веќе загинаа повеќе од 6.500 луѓе за речиси три недели, од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, во кој загинаа најмалку 1.400 луѓе во Израел.

Вчера Путин изрази сочувство до семејствата на Израелците и граѓаните на другите земји убиени или ранети од Хамас.

Тој рече дека Москва продолжува да се залага за решение со две држави за палестинско-израелското прашање, што според него е единствениот начин да се постигне долгорочно решение.

Тој јасно стави до знаење дека верува оти Израел погрешил што продолжил да ја бомбардира Газа како одмазда за нападите на Хамас врз израелските граѓани.

– Борбата против тероризмот не може да се води според озлогласениот принцип на колективна одговорност кога стари лица, жени, деца, цели семејства и стотици илјади луѓе остануваат без покрив над главата, храна, вода, струја и медицинска нега –  заклучи рускиот претседател.