Фото: Пиксабеј

Француските синдикати денеска почнаа штрајк против плановите на претседателот Емануел Макрон да ја зголеми старосната граница за пензионирање.

Во новиот Предлог-закон што ќе помине низ Парламентот, ќе пишува дека вработените се пензионираат на 64 години, наместо на 62, колку што е сегашната граница.

Градскиот и меѓуградскиот железнички сообраќај е речиси во застој, а многу училишта и други јавни служби се затворени.

На аеродромот „Орли“ во Париз во просек се откажува еден од пет лета.

Во париското метро само една од двете линии со автоматизирани локомотиви без возачи работи нормално.

Се очекува неколку десетици илјади луѓе да се најдат на улиците на Париз, но и во другите градови низ Франција, каде ќе биде присутна и полицијата во случај да се појават ултралевичарски саботери.

Според предлогот што претходно овој месец го претстави премиерката Елизабет Борн, од 2027 година луѓето ќе треба да имаат 43 години стаж за да добијат целосна пензија, наместо досегашните 42 години.