Фото: Принт-скрин

Ноќите се најтешки, кога лежи на неговиот кревет, а писокот на сирените за воздушна тревога одекнува во неговите уши, додека телефонот ѕвони покрај него. Екранот прави неговото лице да наликува на дух во темницата, додека неговите очи поминуваат преку пораките што немал време да ги прочита во текот на денот. Настрана од неговата сопруга и децата, повеќето од неговите советници и неколкумина од неговите трупи во бункерите, останатите одново му бараат повеќе оружје за пробивање на руската опсада. Вака американски „Тајм“ ја почнува репортажата од бункерот на украинскиот претседател Владимир Зеленски, насловена „Во светот на Зеленски“, по добиениот ексклузивен пристап.

Во внатрешноста на неговиот бункер претседателот има навика да ја разгледува дневната агенда дури и по завршувањето на денот. Лежи буден и размислува дали можеби пропуштил нешто или заборавил некого.

– Тоа е бесмислено. Тоа е истата агенда. Видов дека е завршено за денес. Но ја гледам повеќе пати и имам чувство дека нешто не чини. Мојата совест ме измачува. Си дозволив да отспијам, но што сега? Нешто се случува токму сега – вели Зеленски во разговорот со новинарот на „Тајм“.

Новинарот на американскиот магазин во текот на две недели имаше увид во рутината на Зеленски и на неговите најблиски соработници.

– Моето барање не беше само за прилика да му поставувам прашања на украинскиот претседател. Беше и да ја видам војната на начинот на кој тој и неговиот тим ја искусуваат. Во текот на две недели во април, тие ми овозможија да го сторам тоа во претседателскиот комплекс во улицата „Банкова“, да ги набљудувам нивните рутини и да бидам во канцелариите каде што тие живеат и работат. Зеленски и неговите соработници направија тамошниот престој да има речиси нормално чувство. Се шегувавме, пиевме кафе, чекавме состаноците да почнат или да завршат. Само војниците, нашите постојани придружници, ја претставуваа војната додека нѐ носеа наоколу со светилки низ темните коридори, преку собите во кои тие спиеја на подот – пишува авторот на репортажата, која почнува на 55-от ден од воените дејствија во Украина.

Излегувањата на Зеленски од бункерот, за кој е јасно оти не е најбезбедното место, биле ретки. Изолацијата честопати го принудила украинскиот претседател да ја гледа војната преку екранот, исто како и сите останати. Деновите на украинскиот претседател се изполнети со низа обраќања, состаноци и интервјуа вообичаено спроведени преку телефонскиот екран или преку лаптоп. Зеленски сега главно работи од таканаречената „соба за ситуации“ во комплексот, која не е под земја, ниту е со дополнително утврдена.

Искуството илустрира колку многу Зеленски се сменил откако првпат го запознав пред три години, зад сцената на неговото хумористично шоу во Киев, додека сѐ уште беше актер што се кандидираше за претседател.

– Остарев од сета оваа мудрост што никогаш не ја барав. Ова е мудроста поврзана со бројот на луѓе што загинаа и со измачувањето од руските војници. Да бидам искрен, никогаш немав цел да стекнам такво знаење – признал Зеленски.

Новинарот на „Тајм“ се прашувал дали Зеленски се кае поради изборот што го направил за да стане претседател, на што украинскиот лидер му одговорил „ниту на секунда“.

– Тој не знае како ќе заврши војната, ниту како историјата ќе ја опише неговата улога во неа. Во овој момент, тој само знае дека на Украина и е потребен воен претседател. А тоа е улогата што тој има намера да ја игра – се заклучува во репортажата на „Тајм“.