Јапонците што утринава ги вклучија телевизорите за да следат вести, можеа да видат како во сите информативни програми доминираат владините предупредувања откако Северна Кореја истрела балистичка ракета над земјата на изгрејсонцето првпат уште од 2017 година, објавува „Џапан тајмс“.
Системот за тревога на Јапонија „(Џеј-алерт“) беше активиран во 7.30 часот утринава за повеќе региони во државата. Според системот осмислен во 2007 година, се испраќаат пораки во време на национални тревоги во кои спаѓаат земјотреси, терористички напади и одредени ракетни лансирања.
Предупредувањата автоматски се испраќаат до заедниците преку сателити и радио-станиците, а потоа и преку сирени. Корисниците на смартфони исто така ги добиваат преку телекомуникациските оператори.
– Верувам дека можевме бргу да ги испратиме предупредувањата – кажа владиниот портпарол Хориказу Мацуно.
По добивањето на порака преку „Џеј-алерт“, луѓето се советуваат се засолнат, во зградите или во подземни засолништа, како што беше случајот со денешното лансирање. Кога не се во близина на згради, Јапонците се советуваат да се сокријат зад објекти или да легнат на земја и да ги штитат главите. На оние што се во затворено им се укажува да се држат подалеку од прозорците.
Луѓето во загрозените подрачја реагираа на предупредувањата со гнев и вознемиреност.
– Никогаш не помислив дека може да дојде до застој на воз поради лансирање на ракета. Што си мисли Северна Кореја – реагираше Тадаки Нагашима (76) на доцнењето на возот што тој го чекал, поради привремен прекин во железничкиот сообраќај предизвикан од лансирањето во Северна Кореја.
Во изминатите неколку години повеќе општини низ Јапонија спроведуваа вежби што треба да ги подготват во случај на паѓање на балистичка ракета од Северна Кореја во близина. Во изминатата фискална година што заврши во март, биле спроведени 18 вежби низ државата, според информациите од владиниот кабинет.