Рускиот суд го осуди на 25 години затвор опозицискиот политичар Владимир Кара-Мурза поради предавство и други обвиненија поврзани со критиките на војната во Украина.

Поранешниот руско-британски новинар и политичар е уште еден од противниците на рускиот претседател Владимир Путин, кој заврши во затвор.

Кара-Мурза ги отфрли обвинувањата и упати критика кон судскиот процес.

– Стојам зад секој збор што го кажав. Не само што не жалам за ништо, туку и горд сум на се што кажав и направив – изјави Кара-Мурза минатата недела пред судот во Москва, додавајќи дека судскиот процес потсетува на судењата на Сталин во 30-тите години од минатиот век.

Кара-Мурза (41) со години се спротивставува на политиката на Путин и лобираше кај странските влади и институции да воведат санкции кон Русија и Руси за наводно кршење на човековите права.

Тој беше обвинет за предавство и дискредитација на руската војска, откако ја критикуваше, како што Москва ја нарекува „специјална воена операција“ во Украина.

Според руските закони за дискредитација на руската армија предвидена е казна до пет години затвор, додека ширењето намерно лажни информации за армијата може да се казни со затвор до 15 години.

– Криминалците треба да се покаат за она што го направиле. Јас, пак, сум во затвор поради моите политички ставови. Знам дека ќе дојде ден кога ќе исчезне темнината над нашата земја – наведе Кара-Мурза за време на судењето.