Фото: Фејсбук/Олексиј Резников

Министерот за одбрана на Украина во заминување Алексеј Резников изјави дека Украина дневно троши околу 100 милиони долари државни средства за одбрана од руската инвазија, пренесува „Танјуг“, повикувајќи се на украински медиуми.

Според Резников, залихите на волонтерски организации изнесуваат само три проценти од целата опрема што е пристигната на првите линии од 24 февруари 2022 година.

– Затоа, неправедно е да се тврди дека доброволците прават сè – рече функционерот на прашањето за наводната мала количина беспилотни летала дадени на војниците од државата, пишува „Киев Индипендент“.

– Всушност, тоа го прават граѓаните на Украина кои плаќаат даноци во буџетот, а парите од овој буџет одат и за армијата.

Во интервју за Укринформ, Резников рече дека не може да открие колку договори склучило Министерството за одбрана со украинските производители на дронови, но дека може јавно да се објави дека неодамна биле одобрени за производство 30 нови модели на украински беспилотни летала.

– Нивото на нивното производство ќе зависи од самите производители. Сè што можат да произведат ќе биде наше. Се ќе им купиме со државни средства – рече министерот во заминување.