Фото: Принтскрин/Илустрација

Се стравува дека 60 лица загинале во воздушен напад врз училиште во областа Луганск, кое служело како засолниште за цивили, јави ДПА.

-Во училиштето засолниште од нападите побараа околу 90 лица – изјави Сергеј Хаидаи, шеф на регионалната воена управа на Луганск, додавајќи дека 30 лица се извлечени од под урнатините, а седум од нив биле повредени.

Во урнатините досега се пронајдени две тела, изјави утрово Хаидаи, додавајќи дека „веројатно е дека сите останати 60 лица се мртви“.

Руски авион, соопшти синоќа Хаидаи, фрлил бомба врз училиштето во селото Билохоривка, кое е на околу 11 километри од бојното поле. Во подрумот на училиштето, рече тој, „имаше речиси цело село“.

-Авионската бомба директно го погоди училиштето. За жал, зградата беше целосно уништена. Бидејќи беше авионска бомба, а не артилериска граната, кога се случи експлозијата, температурата беше огромна. Нашите служби за итни случаи ќе се обидат да ги расчистат урнатините што е можно поскоро, но шансите се уште да има преживеани се мали. Се надеваме на најдоброто. Можеби некој успеал да преживее – рече Хајдаи.

На пожарникарите им требале повеќе од четири часа да го изгаснат пожарот, што избувнал по воздушниот напад врз училиштето.