Фото: Фејсбук / Министерство за одбрана на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека речиси 200 места од украинското културно наследство биле погодени или уништени откако Русија на 24 февруари ја почна инвазијата врз неговата земја, пренесе ДПА.

-До 7 мај руската армија уништи или оштети речиси 200 места на културно наследство – рече Зеленски во ноќешното видео обраќање до нацијата од Киев.

Меѓу нив е и музејот на украинскиот поет и филозоф Хрихориј Сковорода во регионот Харков, кој беше погоден со проектил претходната ноќ, рече Зеленски.

Сковорода живеел од 1722-1794 година.

-За жал, злото има тенденција да се враќа кога луѓето не ги почитуваат правата на другите луѓе, го игнорираат законот и ја уништуваат културата – рече Зеленски.

-Токму ова и се случи на руската држава. Затоа сега сите мораме да се браниме. Да ги браниме нашите луѓе, нашите градови, па дури и нашите музеи, кои стануваат мети за руски ракетни напади – додаде украинскиот претседател во видео обраќањето.

Денеска и утре во светот ќе се одбележува победата над нацистите во Втората светска војна, истакна тој.

-Но, дејствијата на Русија треба да ја потсетат секоја држава и секој народ дека е невозможно да се победи злото еднаш засекогаш – посочи Зеленски.