Илустрација/Фото: Пиксабеј

Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека дури и ако европските сојузници на Украина одлучат да испратат борбени авиони во Киев, тие нема да бидат испратени во „наредните недели“.

– Не исклучувам ништо… но тоа не одговара на денешните барања – рече Макрон по самитот на ЕУ во Брисел на кој присуствуваше и претседателот на Украина Володимир Зеленски.

Велика Британија понуди да ги обучи украинските пилоти на западни авиони, додека Полска и Словачка размислуваат да испратат повеќе ловци Миг-29, кои Киев веќе ги користи.

Но, сојузниците на Украина се нервозни дека распоредувањето напредни западни борбени авиони би предизвикало дополнителна ескалација од страна на Москва и ризик од отворен конфликт меѓу НАТО и Русија, јавија француските медиуми.

Макрон и другите лидери на ЕУ во Брисел го поздравија Зеленски како херој и ветија дека ќе стојат покрај Украина до победата – но тие беа внимателни за неговото барање за борбени авиони.

Руски војници го гранатираа Харков во текот на ноќта, поради што има прекин на снабдувањето со струја во некои делови на вториот по големина град во Украина, соопштија локалните власти. Засега нема извештаи за жртви или повредени. „Окупаторите ја погодија критичната инфраструктура. Имаше околу 10 експлозии“, објави регионалниот гувернер на Харков, Олег Синегубов на Телеграм.

– Во некои области има прекин на електричната енергија – додаде тој.

Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, претходно изјави дека имало руско гранатирање околу 4 часот по локално време, што може да предизвика прекин на струја, греење и вода во некои делови на градот.

Најмалку 17 руски проектили го погодија градот Запорожје во југоисточна Украина за околу еден час утрово, изјави вршителот на должноста градоначалник на градот, Анатолиј Куртиев. Ракетните напади биле насочени кон енергетската инфраструктура, прецизира Куртиев на „Телеграм“ и додаде дека властите во моментов собираат информации за штети и можни жртви.