Фото: принтскрин

Српската полиција уапси четири лица осомничени дека го следеле и го подготвувале убиството на Лука Бојовиќ, кој со години бил поврзан со криминалната група Земунски клан, која учествувала во убиството на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ во 2003 година.

Земунскиот клан беше една од најмоќните организирани криминални групи вклучени во продажба на дрога, киднапирања и убиства. Групата дејствувала од втората половина на деведесеттите до 2003 година, кога нејзините основачи Душан Спасојевиќ и Миле Луковиќ биле убиени за време на пресметка со полицијата.

Бојовиќ беше осуден на 18 години затвор во Шпанија за организиран криминал, а на крајот на ноември 2022 година се врати во Србија како слободен човек, откако пред судот во Белград беше ослободен од обвинението за вмешаност во мафијашки убиства.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека полициските службеници на Службата за организиран криминал уапсиле четири лица, додека по едно лице интензивно се трага.

– Полициски службеници на Службата за борба против организиран криминал на Управата за криминалистичка полиција вчера по интензивна работа на територијата на град Белград попладнето уапсиле четири лица, додека во тек е интензивна потрага по едно лице за кои постои основано сомнение дека се членови на кавачкиот клан го следеле и подготвувале убиството на Лука Бојовиќ. Имено, при претрес на гаражата во Нов Белград, пронајдено е едно возило кое требало да послужи за извршување на ликвидацијата, во чиј багажник при претресот биле пронајдени 10 пиштоли, еден борбен елек и поголема количина муниција. По консултација со в.д. обвинител на ВЈО во Белград, лицата се приведени, при што со понатамошна работа ќе се утврдува улогата на секое лице и со пријава ќе бидат изведени во надлежното обвинителство. Од слобода се лишени Н.Б.(2004), Г.В.(2000), В.Р.(2004) и Н.Ѓ. (2000) – рече министерот Дачиќ.

Лука Бојовиќ е син на поранешниот директор на белградската зоолошка градина, Вук Бојовиќ и академската сликарка Анѓелка Бојовиќ. Во 1995 година, беше осуден на три месеци затвор за напад на полицаец, но таа никогаш не ја одлежа поради помилување. Бојовиќ беше врзан со лисици во 2012 година во Валенсија за убиството на Милан Јуришиќ Јуре, но беше ослободен од таа вина и покрај бројните докази.

Кавачкиот криминален клан, чии членови беа уапсени под сомнение дека го подготвувале убиството на Лука Бојовиќ, е еден од двата црногорски криминални клана чии меѓусебни конфликти доведоа до над 60 смртни случаи, како во Црна Гора, така и во земјите од регионот и Европа. Војната меѓу Шкаљарскиот и Кавачкиот клан трае од 2014 година кога во Валенсија, Шпанија исчезнаа 300 килограми кокаин. Дотогаш единствениот криминален клан од Котор беше поделен на два дела. Името ги добиле по населбите на влезот во Которскиот залив.