Шведска и Финска постигнаа одреден напредок во исполнувањето на безбедносните барања на Анкара, но треба да преземат конкретни чекори за да добијат одобрение од Турција за нивниот пристап во НАТО, изјави во Букурешт турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
На маргините на состанокот на НАТО, турскиот министер се сретна со своите шведски и фински колеги и рече дека двете земји „презедоа одредени чекори за исполнување на своите обврски“, но дека „се уште нема конкретен развој на некои прашања како што се екстрадицијата на осомничените побарани од Турција и замрзнувањето на имотот на терористите“.
– Ги потсетивме тие земји дека на крајот треба да го убедиме турскиот народ и турскиот парламент за Анкара да ги пушти во НАТО – рече Чавушоглу.
Турција не го поддржа приемот на Шведска и Финска во НАТО, обвинувајќи ги дека ги игнорираат заканите од курдските ослободителни организации и другите организации кои Турција ги смета за терористи, и дека со децении им даваат засолниште на овие лица.
Шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром, сепак, по средбата со Чавушоглу рече дека „постигнат е напредок“ за членството во НАТО и дека тој наскоро ќе отпатува за Турција.
Финскиот министер за надворешни работи Пека Хависто по средбата со турскиот колега изјави дека разговарале „во конструктивен дух“ и дека „од Турција добил потврда дека Финска ги исполнила условите што се барале од неа“.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека е уверен оти двете нордиски земји наскоро ќе се приклучат на алијансата и дека процесот се одвива со рекордна брзина.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг истакна дека време е да се поздрават тие земји како полноправни членки на Алијансата.
Откако Русија ја нападна Украина во февруари, Шведска и Финска, плашејќи се дека Русија може да ги нападне и нив, ја напуштија својата долгогодишна политика на воена неутралност и аплицираа за членство во Алијансата.
Парламентите на Турција и Унгарија допрва треба да ја ратификуваат својата поддршка, додека другите 28 земји од НАТО веќе го направија тоа.