Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека наскоро ќе биде организирана средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, изразувајќи надеж за напредок во дипломатските напори за завршување на војната.
– Наскоро ќе биде организирана средба и мислам дека можеме да постигнеме голем напредок – им рече Трамп на новинарите, осврнувајќи се на војната меѓу Русија и Украина, која трае повеќе од четири и пол години.
Во одделна изјава за дипломатските напори за завршување на војната, Зеленски соопшти дека Украина очекува во ноември да се одржат трилатерални разговори со претставници на Украина, САД и Русија. Тој нагласи дека и Европа мора да биде вклучена во преговарачкиот процес и да учествува во донесувањето одлуки.
Украинскиот претседател наведе дека во наредните недели се планирани нови контакти со клучните европски земји. Тој додаде дека Украина продолжува да ги координира активностите со САД и со другите партнери за организирање дипломатски средби.































