Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека наскоро ќе ја забрани употребата на терминот „вештачка интелигенција“ во релевантните документи и пошироко, оценувајќи дека називот е неточен. Во објава на својата социјална мрежа „Трут соушл“, тој го прозва „Волстрит џурнал“ затоа што не го користи изразот што го претпочита – „суперинтелигенција“, пренесува Ројтерс.
Трамп го опиша постојниот назив како „многу лош и неточен“ и тврдеше дека речиси сите веќе го користат новиот термин или наскоро ќе почнат да го употребуваат. Во објавата не објасни како ќе се спроведува најавената забрана и на кого сè би се однесувала.
Неговото инсистирање на промена на називот веќе доби и официјална форма во федералната администрација. На 29 септември Трамп потпиша извршна наредба со која им наложи на институциите на извршната власт да користат „суперинтелигенција“ наместо „вештачка интелигенција“ во службената кореспонденција, јавните комуникации, интернет-страниците, извештаите и други документи. Наредбата не воведува општа забрана за употреба на терминот во медиумите и приватните компании.
Прозивката на „Волстрит џурнал“ доаѓа неколку дена по сатиричен текст објавен во неговиот билтен „Free Expression“. Авторот Метју Хенеси, пишувајќи во име на замислена група четботови, ја исмева идејата за преименување и предлага технологијата да се нарекува „пријателско автоматско довршување“.
Трамп, сепак, во својата објава не наведе дали реагира токму на овој текст.































