Фото: ЕПА
  • Во меѓународната дипломатија понекогаш најважните сигнали се испраќаат преку едноставни најави за средби за кои е создадена политичка волја на највисоко ниво за тие средби да се остварат. Токму таква волја е демонстрирана деновиве, при подготовките за можна непосредна средба меѓу Владимир Путин, Доналд Трамп и Си Џинпинг на маргините на самитот на АПЕК (азиско-пацифички регионален форум за економска соработка, основан во 1989 година, кој ги поврзува економиите од Азија и Пацификот), во кинескиот град Шенжен, на 18 и 19 ноември

Според изјавата за медиумите на Јуриј Ушаков, помошникот на рускиот претседател, „се разгледуваат можности за трилатерална средба на тројцата светски лидери Владимир Путин, Доналд Трамп и Си Џинпинг на маргините на самитот на АПЕК (азиско-пацифички регионален форум за економска соработка), во кинески Шенжен, на 18 и 19 ноември. За издвојување е дека Ушаков истовремено напоменува дека посебна билатерална средба меѓу Путин и Трамп сè уште не е усогласена. Значи, дипломатската врата е отворена, но договор сè уште не постои.
„Ројтерс“ и „Вашингтон пост“ ја истражуваат суштината на оваа дипломатска иницијатива, при што во своите извештаи пишуваат дека всушност „Москва предложила разговори на маргините на самитот, но нема конечна согласност ниту утврдена агенда“. Според медиумските извештаи, „идејата е на Путин, со цел разговорот да се искористи и за наоѓање решение за војната во Украина“.

Што велат добро упатени познавачи на геополитичките состојби во врска со
потенцијалната трилатерална средба?

Нашите соговорници, дипломати од кариера и политички аналитичари, го анализираа значењето на потенцијалната средба за секој од лидерите поединечно.
– За Путин, ваквата средба би била можност Русија повторно да се претстави како сила без која не може да се реши ниту една голема безбедносна криза. Дури и самото прифаќање разговори на највисоко ниво би имало симболична вредност за Кремљ, особено по долгогодишната конфронтација со Западот и санкциите поврзани со војната во Украина – велат соговорниците.
Самитот би претставувал тест за ветувањето на американскиот претседател за посредување при големи меѓународни конфликти.
– Натаму, за Трамп, пак, евентуалниот самит би бил тест за неговото ветување дека може да посредува во големи меѓународни конфликти. Неговата администрација би можела да отвори разговори за контрола на нуклеарното вооружување, трговијата и Украина. Но постои суштинска разлика меѓу одржувањето средба и постигнувањето договор што навистина ќе ја намали опасноста од нова војна – додаваат нашите соговорници.
Познавачите на состојбите ја издвојуваат и улогата на кинескиот претседател како домаќин на самитот.
– Си Џинпинг има поинаква, можеби и посуптилна улога. Кина не е само домаќин што обезбедува простор за разговори туку и сила со сопствени економски, безбедносни и геополитички интереси. Пекинг може да ја искористи дипломатската видливост за да се наметне како центар на меѓународното посредување, но истовремено ќе внимава да не го наруши односот со Европа и да не го засени поширокиот самит на АПЕК – анализираат соговорниците.

Темата би била – мир во Украина, но без учество на Киев?!

Според соговорниците, најголемата дилема, сепак, се однесува на Украина. Доколку војната стане главна тема на разговорите, а Киев не учествува во нив, дали ќе се потврди прашањето што веќе извесно време е присутно во медиумскиот простор, а тоа е „може ли да се договори мир за една држава без нејзино непосредно учество“.
– Таквиот пристап би можел да создаде дипломатски притисок врз украинското раководство да прифати услови дефинирани од надворешни сили. Тоа не значи дека секоја средба без Украина однапред е осудена на неуспех, но договор што не ја зема предвид украинската страна од прва рака, тешко би обезбедил мир што легитимно би го прифатиле украинските граѓани. Дополнителен проблем е недостигот од доверба. Досегашните обиди за дипломатско придвижување не ги отстранија суштинските разлики меѓу Москва и Киев. Прекинот на огнот, контролата врз териториите, идниот однос на Украина со НАТО, па и со ЕУ, остануваат прашања што не можат да се решат само со фотографија од тројца лидери на заедничка маса – велат нашите соговорници.
Меѓу можните битни прашања на самитот се истакнува и нуклеарната безбедност, со оглед на нуклеарните капацитети на земјите учесници.
– Второ, нуклеарната безбедност е другата тема што може да ја направи средбата значајна. Со оглед на огромните нуклеарни арсенали на САД и Русија, како и растечките воени капацитети на Кина, секој сериозен разговор за контрола на вооружувањето би имал глобално значење. Но Пекинг досега покажуваше воздржаност кон директно вклучување во тројни преговори за нуклеарно разоружување, аргументирајќи дека неговите капацитети не се на исто ниво со американските и руските. Оттука, можно е во Шенжен да се води разговор за повеќе теми, но многу потешко е да се замисли брз договор за сите нив. Интересите на трите сили се преклопуваат во некои области, но се судираат во други. Вашингтон сака да ја зачува глобалната стратешка предност, Пекинг да го прошири својот концепт, а Москва да ја зацврсти позицијата на Русија во европската безбедносна архитектура – анализираат нашите соговорници.

Брисел надвор од центарот на случувањата

Се издвојува и тезата дека самитот во Шенжен е показател за тоа дека најважните одлуки за европските состојби би можеле да се разгледуваат надвор од европските институции.
– За Европа оваа дипломатска иницијатива е предупредување дека најважните одлуки за европските состојби би можеле да се разгледуваат надвор од европските институции. И тоа е жално за актуелен Брисел, за тоа до кое „дереџе“ се доведе оваа висока администрација на ЕУ. А за малите држави, меѓу кои и Македонија, пораката е уште појасна, и тоа дека „во свет во кој големите сили повторно ја истакнуваат политиката на директни договори“, но тоа би требало да е во рамките на меѓународното право и процедурите востановени во мултилатералните институции, како на пример ОН. Тие институции и меѓународното право се рамка што го омеѓуваат и врамуваат самоволието на најмоќните – вели еден од соговорниците.
Актуелната состојба може да се толкува како повод за реформирање на постојните институции или за создавање нови.
– А ако им е исцрпен капацитетот на тие меѓународни институции, тогаш, се знае, или ќе се реформираат или претстои предизвик за создавање нови, во кои се разбира малите треба да го заземат своето место и да не бидат маргинализирани од големите – поентираат на крајот нашите соговорници. П.Р.