Фото: Доналд Трамп/ Официјален фејсбук профил

Американскиот претседател Доналд Трамп нареди нова истрага за наводното мешање на Кина во изборите во САД, најавувајќи декласификација на разузнавачки документи за кои вели дека откриваат големи ранливости во системите за гласање во земјата, пишува „Дојче веле“.

Зборувајќи од Белата куќа, Трамп тврдеше дека Кина извршила она што го опиша како „најголемо компромитирање на изборни податоци во историјата“. Тој тврдеше дека Пекинг добил пристап до информации од 220 милиони досиеја на американски гласачи пред изборите во 2020 година, кои ги загуби од Џо Бајден.

Таквите тврдења на Трамп се спротивни на некласифицираната проценка на американските разузнавачки служби од 2021 година, според која нема докази дека некоја странска држава успеала да влијае врз техничките аспекти на претседателските избори во 2020 година, вклучително регистрацијата на гласачите, гласачките ливчиња, пребројувањето или конечниот резултат.

Во 25-минутното обраќање, Трамп ја истакна изборната безбедност како едно од главните политички прашања пред конгресните избори во ноември. Тој ги повика републиканците во Конгресот да усвојат построги правила за идентификација на гласачите и доказ за државјанство.

Трамп исто така изјави дека треба да се одземат лиценците на американските телевизиски мрежи кои не го пренеле неговото обраќање.

Критичарите го обвинуваат американскиот претседател дека се обидува да фрли сомнеж врз претстојните среднорочни избори во ноември, на кои неговата Републиканска партија би можела да изгуби мнозинство во еден или двата дома на Конгресот.