Фото: Пиксабеј

Најмалку осум лица, меѓу кои и деца, се убиени, а повеќе се повредени во масовно пукање во Шривпорт, трет по големина град во Луизијана, соопшти локалната полиција.

 – Пукањето се случило рано утрово по локално време, а жртвите се на возраст од 18 месеци до 14 години, изјави портпаролот на полицијата, Кристофер Борделон, за „Ен-би-си Њус“.

Две возрасни жени се здобиле со прострелни рани во главата, но преживеале, додека едно момче е повредено откако скокнало од покрив во обид да се спаси, објави локалната телевизија KTBS.

Осомничениот напаѓач, возрасен маж, е убиен во одделен инцидент во Босиер Париш, откако по нападот киднапирал возило и бил застрелан во полициска потера.

Полицијата засега не објавува детали за напаѓачот, но посочи дека дел од убиените деца биле негови потомци, што укажува на можен случај на семејно насилство.

Голем број полициски сили и натаму се на терен, а истрагата е во тек. Властите најавија дека повеќе информации ќе бидат објавени дополнително.