Двајца мигранти го загубија животот, а 16 се повредени при нелегален обид за премин преку Ла Манш со импровизиран брод, соопштија француските власти. Тројца од повредените се во тешка состојба со сериозни изгореници.
Бродот, во кој се наоѓале 82 лица, тргнал од плажата Ардело, јужно од Булоњ сир Сен, но поради дефект на моторот останал без контрола и почнал да плови по морето, изјави Кристоф Маркс, генерален секретар на префектурата Па де Кале.
Француски жандармериски брод успеал да спаси 17 лица и да ги пренесе во Булоњ сир Сен, додека останатите 65 продолжиле да пловат сè додека брановите не ги исфрлиле на брегот.
Двете жени, на возраст од околу 20 години и по потекло од Судан, најверојатно починале од задушување поради пренатрупаност на бродот. Според Маркс, ваквите случаи се чести кога пловилата се преполни.
Дополнително, тројца повредени се во критична состојба со изгореници, најверојатно предизвикани од истурено гориво во внатрешноста на бродот. Случајот е под истрага.
Ова е трет смртен случај на мигранти во последниот месец при обиди за премин кон Велика Британија. Минатиот месец четири лица загинаа кај северниот брег на Франција, додека се обидувале да се качат на гумен чамец, а британските власти уапсија едно лице осомничено за загрозување на животите. Една недела претходно, уште две лица загинаа во слични околности северно од Кале.

































