Фото: ЕПА

Министерството за надворешни работи на Таџикистан го отфрли тврдењето на висок руски функционер дека украинската амбасада во главниот град Душанбе регрутира платеници за борба против Русија.

– Забележуваме дека нема основа за ова тврдење на рускиот функционер, се зборовите на портпаролот на таџикистанското Министерство за надворешни работи, Шохин Самади кои ги објавија руските новински агенции – пренесе „Хина“, повикувајќи се на „Ројтерс“.

Секретарот на рускиот Совет за безбедност Николај Патрушев, близок соработник на претседателот Владимир Путин, во средата без обезбедени докази изјави дека „украинските специјални служби“ стојат зад минатомесечниот напад на концертна сала во близина на Москва и дека украинската амбасада во Таџикистан регрутирала борци – објавија државните медиуми.

Украина демантираше дека има некаква врска со нападот на концертот во Москва во кој загинаа најмалку 144 лица, а САД потврдија дека ИСИЛ сноси единствена одговорност за нападот.

Руските истражители велат дека акцијата ја извршиле четворица напаѓачи со калашникови. Пукањето започна непосредно пред почетокот на настапот на рок групата „Пикник“ пред 6.200 гледачи.

Членовите на Државниот комитет за национална безбедност на Таџикистан уапсија 15 лица осомничени дека подготвувале напади за време на празнични настани во главниот град на таа централноазиска земја Душанбе и блискиот Вахдат, објавија претходно локалните медиуми, пренесе „Танјуг“ повикувајќи се на „ТАСС“ и „Ројтерс“.

Во извештаите се наведува дека не е познато дали 15-те Таџикистанци се приведени во врска со нападот во градското собрание „Крокус“ во Москва – наведува руската агенција.