Фото: Фејсбук/Џо Бајден

Соборувањето на кинески балон што неколку дена леташе над САД предизвика засилени тензии помеѓу Вашингтон и Пекинг. Балонот беше откриен во средата над американската сојузна држава Монтана, каде што 150 интерконтинентални балистички ракети вооружени со нуклеарни боеви глави се складирани во воена база на северот, а Пентагон соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден го одобрил уривањето уште истиот ден. Американските власти изразија сомнеж дека балонот е наменет за шпионажа, додека Пекинг призна оти балонот е кинески, но даде уверување дека леталото собира метеоролошки податоци.

Американски борбен авион од типот „Ф-22“ го собори кинескиот балон што неколку дена леташе над САД и неприфатливо го наруши американскиот суверенитет, соопшти синоќа Министерството за одбрана на САД.

– По наредба на претседателот Бајден, американски борбен авион собори шпионски балон на голема височина, лансиран од Народна Република Кина, во воздушниот простор над водите во близина на брегот на Јужна Каролина. Џо Бајден секогаш безбедноста на Американците ќе ги направи свој приоритет и на тој начин ефикасно ќе одговори на неприфатливото кршење на нашиот суверенитет – соопшти американскиот министер за одбрана Лојд Остин.

Американската федерална управа за авијација (ФАА) објави дека воздушниот сообраќај е обновен на три аеродроми во Јужна Каролина: Вилмингтон, Миртл Бич и Чарлстон, откако претходно беше прекинат „од безбедносни причини“.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен оцени дека упадот на „надзорен балон“ во воздушниот простор на САД е „неприфатлив“ и „неодговорен“ и ја откажа посетата на Пекинг планирана за недела. Медиумите цитираа претставник на американската одбрана кој објаснил дека кинескиот балон е дел од надзорната флота балони кои вршат шпионажа на пет континенти. САД, исто така, веруваат дека Пекинг се обидува да добие комерцијални информации и да земе знаење од американските компании.

Кина ги отфрли обвинувањата за шпионажа и изрази незадоволство

Кина претходно ги отфрли обвинувањата за шпионажа, соопштувајќи дека станува збор за истражувачки балон што скршнал од рутата поради „виша сила“ и ги обвини американските политичари и медиумите за искористување на ситуацијата за да ја оцрнат Кина.

Пекинг изрази силно незадоволство поради американското соборување на кинескиот балон. Официјален Пекинг денеска ја осуди одлуката на САД да го соборат кинескиот балон што неколку дена леташе над САД, обвинувајќи го Вашингтон дека реагира на очигледно прекумерен начин и „сериозно ја крши меѓународната практика“.

– Кина изразува силно незадоволство и протест поради употребата на сила од САД“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека „го задржува правото да возврати.

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека „јасно бара од САД да се справат со ситуацијата фер, смирено, професионално и воздржано“.

– Пекинг решително ќе ги заштити легитимните права и интереси на компаниите погодени од инцидентот – додаде кинеското МНР.

Американската војска ги бара остатоците од соборениот балон

Американската војска синоќа соопшти дека ќе се обиде брзо да ги пронајде клучните компоненти на кинескиот балон за набљудување меѓу остатоците во близина на брегот на Јужна Каролина, откако беше соборен од борбен авион Ф-22.

– Потрагата е во тек. Колку таа ќе трае допрва треба да се утврди – изјави висок претставник на американската одбрана, додавајќи дека остатоците се наоѓаат во релативно плитки води.

Висок воен функционер очекува дека повторното составување на балонот нема да трае со недели или месеци, туку ќе биде изведено релативно брзо.

Пентагон забележал и втор балон, а Колумбија неидентификуван објект

Пентагон во петокот соопшти дека бил забележан и втор кинески балон, но не ја прецизираше точната локација. И Колумбија, исто така, пријави дека забележала неидентификуван објект во нејзиниот воздушен простор во моменти кога тензиите меѓу Вашингтон и Пекинг се на највисока точка, поради соборувањето на леталото за кое американските власти тврдат дека е шпионски балон.

Националниот систем за противвоздушна одбрана на Колумбија во петокот утрината открил објект на надморска височина од околу 17.000 метри што претходно влегол во северниот сектор националниот воздушен простор, соопштија синоќа колумбиските воздухопловни сили.

Објектот се движел со просечна брзина од околу 46 километри на час, покажувајќи „карактеристики слични на балон“. Колумбиските воздухопловни сили го следеле објектот со својот одбранбен систем додека не го напуштил нивниот воздушен простор.

– Објектот не претставуваше закана за националната безбедност, одбраната или воздушната безбедност – соопшти военото воздухопловство, додавајќи дека сега соработуваат со други земји за да го откријат потеклото на леталото.

И САД и Кина со децении користат сателити за  меѓусебно набљудување. Вревата околу балонот доаѓа додека Кина ги зајакнува своите воени способности и го предизвикува американското воено присуство во Пацификот.