Тан Куфеи/Фото: Министерство за одбрана на Кина

Кинеските претставници при неодамнешната средба на кинескиот претседател Си Џинпинг со неговиот руски колега Владимир Путин во Русија, соопштија дека соработката меѓу Австралија, Велика Британија и САД за прашањето на нуклеарните подморници може да предизвика трка во вооружувањето.

– Веднаш штом се отвори Пандорината кутија, стратешката рамнотежа во регионот ќе биде нарушена и регионалната безбедност ќе биде сериозно загрозена истакна портпаролот на кинеското Министерство за одбрана, Тан Куфеи, на редовната прес-конференција, најавувајќи проширување на соработката со Русија.

Кинеските воени претставници се подготвени да соработуваат со своите руски колеги за зајакнување на стратешката комуникација и координацијата меѓу двете земји, соопшти денеска кинеското Министерство за одбрана. Кина и Русија ќе работат заедно за спроведување на глобалните безбедносни иницијативи, објави Куфеи.

Двете земји ќе ја продлабочат воената доверба и заеднички ќе ја бранат меѓународната правда и правичност. Тие, исто така, ќе организираат заеднички морски и воздушни патроли и ќе спроведуваат заеднички вежби, додаде портпаролот.

Неодамнешната заедничка вежба на морнариците на Кина, Иран и Русија во Оманскиот Залив ги подобри нивните можности за извршување поморски мисии од различна природа, соопшти кинеското Министерство за одбрана.

– Вежбите дополнително придонесоа за пријателските односи и соработката меѓу трите земји. Кина, Иран и Русија испратија поморски единици вклучувајќи 12 бродови, специјални сили и нуркачки единици за да учествуваат во вежбите, кои се одржаа меѓу 12 и 19 март – рече Тан Куфеи.