Анализите на површината на Месечината, особено областите наречени стаклени зрнца, укажуваат на постоење на огромни резерви од вода, тврдат научниците.
Истражувачите сметаат дека малите области наречени стаклени зрнца расфрлани по површината на Месечината може да содржат милијарди тони вода што астронаутите би можеле да ја исцрпат и да ја користат во идните мисии на Месечината, пренесува „Гардијан“.
Се верува дека откритието е едно од најважните досега за вселенските агенции фокусирани на градење бази на Месечината, бидејќи тоа значи дека Месечината може да има многу достапен извор не само на вода туку и на водород и кислород.
– Ова е едно од највозбудливите откритија што сме ги направиле. Со овие наоди, потенцијалот за одржливо истражување на Месечината е поголем отколку што бил досега – вели Махеш Ананд, професор по планетарна наука и истражување на Отворениот универзитет во Лондон.
Повеќе од половина век откако луѓето последен пат оделе на Месечината, НАСА и другите вселенски агенции се подготвуваат да се вратат на Месечината.