Фото: Архива/принт-скрин

Пјонгјанг истрела најмалку три балистички ракети кон Јапонското Море, познато и како Источно Море, и најмалку седум други проектили од различен тип, соопшти денеска јужнокорејската војска, пренесува ДПА.

Јужнокорејската новинска агенција Јонхап ги цитираше Здружените началници на Генералштабови дека еден проектил полетал кон источниот јужнокорејски остров Улеундо пред да се урне во меѓународните води во Јапонското Море.

Друг паднал во морето во близина на де факто поморската граница со Јужна Кореја, додека третиот паднал во водите источно од градот Сокчо, јави Јонхап.

Според јужнокорејската армија, Пјонгјанг истрелал околу 10 проектили од различен тип.

– Армијата на Република Кореја никогаш не може и нема да толерира таква провокација од Северна Кореја. Јужна Кореја и САД тесно ќе се координираат, ќе реагираат строго и цврсто – додаваат од ЈЦС.

Новинската агенција Кјодо ја цитираше јапонската Влада која соопшти дека нема извештаи за оштетување на авиони или бродови, додавајќи дека проектилите можеби летале на неправилни траектории.

Други детали не се соопштени.