Фото: Архива/принт-скрин

Северна Кореја истрела наводна интерконтинентална балистичка ракета кон Јапонското Море, познато и како Источно Море, соопшти денеска јужнокорејската војска, пренесе германската новинска агенција ДПА.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида изјави дека ракетата веројатно паднала во ексклузивната економска зона на неговата земја, јави Кјодо њуз.

Агенцијата го цитира Кишида како силно протестира против лансирањето и ги нарекува провокациите на Пјонгјанг, „неприфатливи“.

– Северна Кореја ги повторува провокациите со невидено темпо и тие се целосно неприфатливи, појасни Кишида за новинарите во Бангкок.

Како што додаде тој, нема извештаи за штета на авиони или бродови.

Ракетите со способност да патуваат повеќе од 5.500 километри се сметаат за ICBM – интерконтинентална балистичка ракета. Резолуциите на Обединетите Нации не дозволуваат Северна Кореја да тестира балистички ракети од каков било дострел, а некои се способни да носат нуклеарна боева глава.

Севернокорејскиот министер за надворешни работи Чое Сон Хуи вчера предупреди дека Пјонгјанг ќе преземе „пожестоки“ воени акции, доколку САД ги зајакнат нивните безбедносни обврски кон Јужна Кореја и Јапонија.