Германија е земја во која само 10 отсто од популацијата се млади
Според најновите статистички податоци, кои ги анализираше „Дојче веле“, од 83,2 милиони жители на Германија, само 8,3 милиони се млади на возраст помеѓу 15 и 24 години. Анализата констатира дека никогаш досега од почетокот на собирањето податоци за оваа категорија од населението во 1950 година немало толку малку млади како на крајот на 2021 година. Само секој десетти жител на Германија е на возраст помеѓу 15 и 24 години. Пред 40 години во таа возрасна група бил секој шести жител.
Највисок удел во вкупниот број на жители, младите од оваа група имале во првата половина на 1980-тите. Во 1983 година, на возраст помеѓу 15 и 24 години биле 13,1 милиони луѓе, односно 16,7 отсто од населението.
Разликите во бројот на младите е мошне голем кога се прави споредба на германските покраини. Најмногу млади живеат во покраината Бремен – 11 отсто, а најмалку во Бранденбург – 8 отсто. Многу мал број млади има и во покраините Саксонија Анхалт и Мекленбург Предна Померанија – 8,3 отсто.
Ако се направи споредба во европски рамки, Германија е малку под просекот. Податоците на Евростат покажуваат дека уделот на млади на возраст помеѓу 15 и 24 години во ЕУ во просек изнесува 10,6 отсто. Притоа најмногу млади има во Ирска (12,6 отсто), а следуваат Данска и Кипар со по 12,3 отсто. Најмал број млади има во Чешка и во Бугарија – по 9 отсто.