Фото: Пиксабеј

Седум малолетници на возраст од 12 до 17 години се ранети во пукање пред трговски центар во центарот на главниот град на американската сојузна држава Индијана, Индијанаполис, соопшти денеска полицијата.

Заменик-началничката на полицијата во Индијанаполис, Тања Тери, на брифинг со новинарите изјави дека сите ранети се во стабилна состојба и дека во пукањето биле употребени повеќе пиштоли.

Тери рече дека никој не е уапсен и дека ова е уште еден конфликт во кој малолетници се обиделе да ги решат своите спорови со огнено оружје, нагласувајќи дека таквата практика мора да престане.

Таа прецизираше дека полицајците кои синоќа патролирале во областа слушнале истрели во близина на трговски центар, каде пронашле голема група малолетници, меѓу кои и шестмината со прострелни рани.

Тери истакна дека седмиот малолетник е одвоено однесен во болница.