фото: Фејсбук-профил на Енкледа Чела

Студентката на Економскиот факултет во Скопје, Енкеледа Чела, државјанка на Албанија, која е пријавена за исчезната, е Македонка од селото Требиште, област Голо Брдо, потврдија за МИА роднини на девојката.

– Енкеледа е стипендист на македонската влада и е на втора година од студиите. И средното економско училиште го заврши во Охрид, со одличен успех, како што успешно ги полага и испитите на факултет. Се надеваме дека ќе биде пронајдена здрава и жива – изјавија за МИА нејзини блиски роднини.

Додаваат дека загриженоста е голема кај сите жители во селото и областа, кај најблиските роднини и нејзиот брат и трите сестри, но се надеваат дека сѐ ќе има среќен крај. Потврдија дека родителите на девојчето се веќе во Скопје.

Од МВР за МИА порано денеска потврдија дека 20- годишна девојка по потекло од Албанија, синоќа е пријавена за исчезната, откако се одалечила од домот во Скопје каде престојувала,

– На 30.03.2024 во 10.30 часот во ПО Петровец Г.Т. пријавила дека Е.Ч. (20) од Република Албанија се оддалечила од домот во Скопје каде престојува. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето – наведуваат од МВР.

Енкеледа Чела од Албанија, која во Скопје студирала на Економскиот факултет, била пријавена за исчезната од нејзините пријатели, откако во петокот вечерта и се губи секаква трага.

Објавен е апел за помош за нејзино пронаоѓање на фејсбук од нејзина пријателска, која наведува дека девојката последен пат била забележана на бензиска пумпа во скопската населба Илинден. Била облечена во фармерки и црна јакна, а со себе носела ранец.