Фото: Принтскрин

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан денеска ги отфрли тврдењата дека Израел не е во целост посветен на предлогот за договор за прекин на огнот со Хамас што американскиот претседател Џозеф Бајден го претстави кон крајот на мај во Белата куќа.

– Израел го понуди тој предлог. Веќе некое време е на маса. Израел не противречи, ниту се повлече – изјави Саливан денеска во Италија, каде Бајден ќе присуствува на годишниот самит на лидерите на Г7.

Саливан додаде дека смета дека нема контрадикторност во ставот на Израел и повтори дека Хамас одговорил со нудење амандмани на предлогот и дека целта е да се утврди како да се премости преостанатиот јаз и да се постигне договор, да се постигне заклучок што е можно поскоро.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера рече дека посредниците се обидуваат да постигнат договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците од Газа.

Палестинскиот исламистички Хамас побара бројни измени на предлогот поддржан од САД, од кои некои се изводливи, а некои не.

Хамас вели дека амандманите имаат за цел да гарантираат траен прекин на огнот и целосно повлекување на израелските трупи од Газа.

Предлогот објавен од Бајден ги вклучува тие услови, но Хамас изрази загриженост дали Израел ќе ги исполни.