САД се подготвени да преговараат со Русија доколку руските трупи се повлечат од Украина. Ова го изјави американскиот заменик-државен секретар за политички прашања Викторија Нуланд во интервју за „Ехото на Москва“, a пренесува МИА.

– Доколку Путин е подготвен да ги повлече своите војници од Украина, ако е подготвен сериозно да разговара со нас дека оваа војна мора да заврши, ние сме подготвени да разговараме со него доколку е тоа така – истакна Нуланд.

Таа, исто така, нагласи дека САД ги одложуваат редовните нуклеарни вежби за да не придонесат за ескалација во момент на воени дејствија во Украина.

– Не го подигнавме нивото на нуклеарна безбедност во САД, нашата цел е да ја смириме ситуацијата. И генерално ги одложивме нашите нуклеарни вежби – оние што обично ги правиме четири пати годишно – затоа што сакаме да постигнеме деескалација – изјави Нуланд.

– Во приватни разговори со Кремљ секогаш велиме дека нуклеарното оружје никогаш не треба да се користи. Знам дека сите руски граѓани се согласуваат со нас во таа смисла – додаде американскиот заменик-државен секретар за политички прашања.