Фото: Твитер/Стејт департмент

САД денеска соопштија дека највисокиот суд на Обединетите нации не треба да дава советодавно мислење за „итно и безусловно повлекување“ на Израел од териториите на кои Палестинците сакаат да основаат своја држава.

В.д правниот советник на Стејт департментот, Ричард Висек рече дека 15-члената комисија на Меѓународниот суд на правдата (МСП) не треба да се обидува да го реши деценискиот израелско-палестински конфликт со давање советодавно мислење за постапките на само едната страна.

Висек зборуваше на сослушувањето во МСП, кое започна во понеделникот, на барање на Генералното собрание на ОН за необврзувачко советодавно мислење за законитоста на политиката на Израел на окупираните територии.

Тој оцени дека мислењето на судот ќе има последици за страните во конфликтот и напорите на сите што работат на постигнување одржлив мир.

Вршителот на должноста правен советник на Стејт департментот денеска потсети дека постои воспоставена рамка заснована на принципот земја за мир и утврдени принципи на окупацискиот закон.

Идејата земја за мир е камен-темелник на американската дипломатија со децении и основа на мировниот договор меѓу Израел и Египет, склучен во 1979 година, врз основа на кој Израел се повлече од Синајскиот Полуостров во замена за мир и признавање.

Истиот принцип беше применет и за израелско-палестинскиот конфликт, но мировниот процес постојано беше во застој поради палестинските напади, проширувањето на еврејските населби на окупираната територија и неможноста на двете страни да се договорат за експлозивни прашања, како што се конечните граници, статусот на Ерусалим и судбината на палестинските бегалци.