Фото: Пиксабеј

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека повлекувањето на руските сили не значи дека се откажале од заземање на главниот град на Украина.

– Фактот што непријателот се повлече од Киев не значи дека тој се откажал од желбата да го заземе главниот град – истакна Кличко.

Тој додаде дека е невозможно да се исклучи нов обид на руските сили да го заземат Киев за два дена.

– Главниот град мора и понатаму да биде подготвен за одбрана – посочи Кличко.

Тој истакна дека „окупаторите продолжуваат да вршат злосторства и геноцид врз украинскиот народ во регионите што ги освоиле“.

Претседателот на руската република Чеченија, Рамзан Кадиров, изјави дека офанзивата во Украина нема да се спроведува само во Мариупол, туку и во главниот град Киев како и во другите украински градови.

Во видеопораката објавена рано изутринава преку платформата „Телеграм“ тој вели дека „целосно ќе ги ослободи (источните региони Луганск и Доњецк – н.з.), а потоа ќе ги заземе Киев и сите други градови“.

– Ве уверувам дека нема да има ниту еден чекор назад – вели Кадиров.

Неговата изјава доаѓа во мигови кога конфликтот во Украина се преместува на исток каде украинските сили се утврдени и добро подготвени за борба.

Руските власти соопштија дека нивните сили ќе се фокусираат кон „целосно ослободување“ на Донбас, притоа алудирајжи на Луганск и Доњецк.