Фото: Принтскрин

Командантот на украинските копнени сили Олександр Сирскиј ги посети војниците во Бахмут двапати во рок од една недела, што е одраз за несигурната ситуација во која се наоѓаат украинските сили додека се обидуваат да ги задржат позициите во градот опфатен во жестока битка, пишува „Њујорк тајмс“.

Сирскиj предупреди дека Русија ги испраќа најподготвените единици во битката за Бахмут, како и оти тој проценува „проблематични прашања поврзани со капацитетите за одбрана на неговите единици на фронтот“.

Русија покрена офанзива за заземање на Бахмут во август минатата година, а борбите оттогаш ретко стивнуваа. Иако Украина пружи жесток отпор, руските сили во изминатите неколку недели напредуваа со што доведена е во прашање контролата на патиштата што водат кон градот. Тие патишта се користат за снабдување на трупите, како и за можно повлекување, доколку е потребно. Руските сили продолжуваат да напредуваат откако уништија витален мост што го поврзува Бахмут со соседното село Хромове. Мостот наводно бил урнат со ракета „искандер“ и се мисли дека на овој начин се оневозможува снабдувањето на Украинците.

Украинците тврдат дека малку ги потиснале руските трупи, со што е намалена заканата од артилерија на главниот автопат што води надвор од градот кон југозапад. Тие истакаа и дека имаат намера да се опираат колку што е можно, дури и доколку не успеат да ја задржат контролата над Бахмут. Цел им е да го изведат повлекувањето со што е можно помали загуби, доколку дојде до тоа.

Основачот на руската платеничка група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, вчера преку видеоснимка побара од украинскиот претседател Володимир Зеленски да ги повлече силите од Бахмут, тврдејќи дека градот е опколен.

Битката за Бахмут веќе е најдолгиот руски напад во војната, во кој се проценува дека двете страни претрпеле значителни загуби. Украинските сили посочуваат на борбите во Северодонецк и Лисичанск водени летоска, кога ја објаснуваат нивната стратегија. Двата града беа бомбардирани, па многумина тогаш се прашуваа дали е оправдано украинците да се борат за да ги задржат под нивна контрола, со оглед на загубите. Но Украинците сметаат дека држењето на руската војска подолг период во Северодонецк и Лисичанск, овозможило значително намалување на капацитетот за војување на непријателот, што ја отворило можноста за контраофанзива.

Најголем ризик за украинските сили во Бахмут е дека ќе бидат опколени и принудени да се предадат, додека веќе се соочуваат со непосредна опасност оти Русија ќе го оневозможи нивното снабдување.

Има три главни артерии витали за илјадниците украински војници во областа, а руските сили пресекоа една од нив и се доближуваат до другите две, според информации од теренот до кои дошол „Њујорк тајмс“. Заменик-командирот на украинската Национална гарда, Володимир Назаренко тврди дека украинската одбрана на снабдувањето останува цврста, и покрај постојаните непријателски напади. Се смета дека Украина оформила неколку одбранбени позиции во неколку обрачи околу градоот, за да ги сопрат руските напади од северот, истокот и од југот, додека борбите се постојани.

Експлозиите во Бахмут се постојани, додека се крева чад од изгорените згради. А Украинските и руските дронови кружат на небото, при што бараат цели и исфрлаат бомби, како што беше наведено во последната репортажа на „Њујорк тајмс“ од теренот, со што се посочува дека сега е тешко да се процени состојбата.

Украина со месеци се подготвува за падот на Бахмут, иако се обидува да ја задржи контролата врз градот колку што е можно подолго. Рускиот воен експерт, Дмитриј Горенбург, смета дека украинските сили ќе се повлечат од градот во рок од неколку недели, за да ги утврдат позициите за одбрана на околните места.