Куриозитет на руско-украинскиот воен конфликт

Вашингтон постојано ја известувал Украина за очекуваните движења на руските трупи и за локациите и други детали за мобилните седишта на руската војска. САД обезбедувале разузнавачки информации што им помогнале да украинските сили да ги убијат повеќето од руските генерали што загинаа во досегашниот дел од инвазијата. Од Вашингтон не прецизираа колкумина од нив биле убиени со помош на САД. Украина ги комбинирала овие информации со сопственото разузнавање за да изведува артилериски и други напади во кои биле убивани руски офицери, пишува „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на високи американски функционери.
Помошта во целењето на високи руски офицери е дел од доверливи напори на администрацијата на Џо Бајден да ѝ обезбеди на Украина разузнавачки информации за бојното поле во реално време.
– Овие информации вклучуваат и очекувани движења на руските трупи добиени од неодамнешните американски процени за тајниот план на Москва за борбите во Донбас – изјавиле официјални лица, под услов да останат анонимни за да разговараат за деталите за доверливите разузнавачки информации што се споделуваат со Украина, се вели во статијата на „Њујорк тајмс“.
Запрашан за разузнавачките информации што им се даваат на Украинците, Џон Ф. Кирби, портпаролот на Пентагон, рече дека „нема да зборуваат за деталите од тие информации“. Но тој призна дека Соединетите Американски Држави ѝ даваат на „Украина информации и разузнавачки информации што можат да ги користат за да се одбранат“.
Украинската војска тврди дека досега убила 12 руски генерали на бојно поле. Но не потекнуваат сите обиди за ликвидирање од американските поткажувачи. Некои акции Украинците сами ги иницираат. Како пример за ова се дава гранатирањето на штабот на генералот Валери Герасимов во Донбас, кое заврши неуспешно.
Според „Њујорк тајмс“, американските извори демантирале дека на Украина ѝ споделиле информација за посета на рускиот началник на Генералштабот, Валериј Герасимов, во првите борбени линии на фронтот. Украинската армија, пак, објави дека минатата недела во рускиот штаб во близината на градот Изум биле убиени неколку високи воени офицери. Американските информации, говорат дека Герасимов претходно ја напуштил источна Украина.

Советот за национална безбедност на САД нагласи дека ликвидацијата на руски генерали не е примарна цел на САД во обезбедувањето разузнавачки информации. Портпаролката на Советот за безбедност, Адриен Вотсон, исто така потврди дека податоци од американските разузнавачки служби ѝ се доставуваат на Украина, но таа исто така нагласи: „Не ги даваме информациите со намера да се убијат руски генерали“.
Уште од почетокот на инвазијата врз Украина, на 24 февруари, Украинците во повеќе наврати известуваа дека убиле руски генерали на теренот. Ваквите информации делумно ги потврди и руската страна. На почетокот на март, градската управа на јужниот руски град Новоросијск извести дека генералот Андреј Суховецки, заменик-командант на 41-та армија, „херојски“ загинал во Украина. Поради тешкотиите на рускиот поредок во првите недели од војната, многу генерали мораа самите лично да одат на фронтот, ставајќи се во ризик да бидат повредени или убиени. Тие користеле и несигурни комуникациски линии и така се изложиле на опасност од напад од украинските сили.
Администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден, се обиде разузнавачките податоци што се собираат Украина да ги задржи како тајни, бидејќи стравува дека Москва ќе го протолкува тоа како „ескалација на судирот“. Министерот за одбрана на САД, Лојд Остин, минатиот месец изјавил дека Америка сака да ја ослаби Русија во операциите во Украина. Американскиот весник пишува дека и други членки на Северноатлантскиот сојуз испорачаат разузнавачки податоци во корист на украинските безбедносни служби. САД ѝ доставиле на украинската војска помала верзија на беспилотно летало, кое може да се користи за идентификација и убивање поединечни војници на линијата на фронтот. Доставувањето разузнавачки податоци се смета за сигурен облик за помош, затоа што се „невидливи“. Американските функционери јавно признаа дека на почетокот на воениот конфликт ја предупредиле Украина за намерата на руската војска за нападот на аеродромот „Хостомел“, кој е северозападно од Киев. Овие податоци им помогнаа на Украинците за успешна одбрана на аеродромот. А слични информации се добивани и за движењето на руските трупи за подрачјето на Донбас и Крим, пренесуваат медиумите.


Песков: Знаеме за испраќањето разузнавачки податоци

Руската армија знае дека САД, НАТО и Велика Британија ѝ обезбедуваат на Украина не само оружје туку и разузнавачки информации и прават сè што е потребно во таа ситуација, изјави вчера портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Нашата армија е свесна дека САД, Велика Британија и НАТО во целина постојано пренесуваат разузнавачки и други параметри до украинските вооружени сили. Заедно со испраќањето оружје, тоа се акции што не придонесуваат за брзо завршување на општествената воена операција, но во исто време не можат да го попречат остварувањето на нејзините цели – изјави Песков пред новинарите.

Подготвил: Митко Јовановски