Фото: Игор Бансколиев

Чудно и несфатливо е како и премиерот и лидерот на опозицијата не најдоа време да се поклонат пред гробот на најголемиот македонски великан Гоце Делчев и да испратат пораки со кои ќе ја истакнат неговата важност за македонската држава. Зошто, којзнае по кој пат, меѓу политичките лидери во државата се манифестира синдромот на самооткажување и самонегација, наместо да се покажат енергичност и обединетост во заштитата и одбраната на македонските национални интереси?

Чинот на чествување на најголемиот македонски револуционер како повод

Скромно и без посебна помпа во Македонија беа одбележани 119 години од смртта на најголемиот македонски револуционер Гоце Делчев, без присуство ниту на премиерот, ниту, пак, на лидерот на опозицијата на спомен-обележјето на македонскиот великан, додека истовремено во Бугарија загинувањето на Делчев беше одбележано со национална конференција на највисоко државно ниво.
Неразбирливо е зошто од македонскиот државен и политички врв, со исклучок на претседателот Пендаровски, кој положи цвеќе на гробот на македонскиот револуционер, никој друг од водечките политички личности во земјава не најде за потребно да го посети вечното почивалиште на Гоце Делчев и да оддаде почит и признание за неговото дело.
Додека во Софија бугарскиот претседател Румен Радев беше покровител на национална конференција на која говореше за делото на Делчев, притоа не заборавајќи којзнае по кој пат да го негира постоењето на македонскиот народ и јазик, нашите политички лидери од власта и од опозицијата се занимаваа со надзор на локални проекти во Коњско и во Карбинци.
Чудно и несфатливо е како премиерот и лидерот на опозицијата не најдоа време да се поклонат пред гробот на најголемиот македонски великан и да испратат пораки во кои ќе ја истакнат неговата важност за македонската држава, наместо подоцна, повеќе протоколарно, да се обраќаат нивните пиар-служби, пишувајќи понекој ред за Гоце на социјалните мрежи. Зошто, којзнае по кој пат, меѓу политичките лидери во државата се манифестира синдром на самооткажување и самонегација, наместо да покажат енергичност и обединетост во заштитата и одбраната на македонските национални интереси, историските факти и да застанат цврсто и непоколебливо зад македонските херои?
Впечатокот што се добива по ваквиот пропуст е дека на некој начин Македонија како самата да се повлекува и да се откажува од дел од својата историја само поради страв тоа да не биде погрешно протолкувано од бугарските власти, што од друга страна ја става Бугарија во позиција пред светот да се претстави како единствен вистински чувар на ликот и делото на Делчев.

Истиот пристап македонскиот државен врв го имаше и со Преспанскиот договор, постојано повлекувајќи се, молчејќи за неговото прекршување од грчка страна, но истовремено спроведувајќи ги спорните одредби од истиот тој договор дури и пред сите рокови.
Јавноста со право се прашува до кога македонските политичари самите ќе се понижуваат и ќе се самоцензурираат кога никој не го бара тоа од нив, непотребно додворувајќи му се секому, со надеж дека таквиот наш понизен однос можеби ќе ги одоброволи негаторите и уценувачите во ликот на соседите.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски е убеден дека Македонија и Бугарија веќе се договориле околу историските личности, па сегашниот однос на македонските власти и нивното игнорирање на важните датуми го коментира како премолчено откажување од нашата историја.
– Мислам дека во суштина понижувачкиот однос на Македонија и сервилноста во спорот со Бугарија ги поминуваат сите можни граници и, веројатно, начинот на кој ние го покажуваме тоа преку неодбележување на празниците и на личностите од нашето минато, дозволувајќи им на другите да си ги присвојат како свои личности од историјата, покажува дека ние во суштина веќе сме се откажале од тие личности, но тоа го правиме на многу перфиден начин, не го кажуваме јавно, туку преку скриено неодбележување на овој датум – вели Пекевски.
Според него, овој процес на тивко откажување од историските личности веќе е во тек.

– Веќе се гледаат контурите до каде ќе одиме и како ќе одиме, но и како се движи целата работа со спорот со Бугарија и тоа покажува дека ние ќе се откажеме од многу работи, вклучувајќи и од Гоце Делчев, и тоа политичарите го прават на крајно перфиден начин, така што ништо јавно не кажуваат, туку го реализираат тоа на еден скриен и би рекол беден начин – заклучува Пекевски.
Тој уште додава дека на луѓето што владеат со Македонија ништо не им е свето, освен власта.
Универзитетската професорка Билјана Ванковска на својот фејсбук-профил пишува дека станува збор за обид на политичарите да го отуѓат народот од своите великани.
– Политичарите не само што ги узурпираат народните апостоли и историски настани туку и ги распродаваат! Притоа, чинат сè за да се отуѓи народот од своите великани… Го чуваа Ванчо Михајлов со полиција, денес го „чуваат“ Гоце со полиција. Гоце бил легенда уште жив, а легендите никогаш не умираат. Дури и кога некои бедни ликови ги распродаваат како јуди – порачува професорката Ванковска.