Фото: Принтскрин

Условите за живот во Херсон стануваат неподносливи додека Русија и Украина се подготвуваат за голема битка за стратешки важниот град во јужна Украина, пишува „Њујорк тајмс“. Двете страни даваат значење на случувањата во Херсон, единствениот регионален центар под контрола на Русија од почетокот на војната во Украина, при што рускиот претседател Владимир Путин, наводно, одбил барање од неговата армија за повлекување на подобри позиции, според известувањето на американскиот весник.

Руското знаме е симнато од административните згради, напуштени се воените контролни пунктови, а поголемиот дел од населението и проруските власти се евакуирани, додека престана функционирањето на јавните услуги. Но засега нема назнаки дека руската војска се откажува од Херсон. Згора, Украинците тврдат дека Русија има 40 илјади војници таму.

Се водат борби на северот и западот во поширокиот регион на Херсон, додека украинските сили полека продолжуваат со нивната офанзива кон градот, тврдејќи дека ја вратиле контролата врз повеќе од 100 градови и села западно од реката Днепар.

Последните случувања поттикнаа шпекулации за можното сценарио што следува, кои опфаќаат руско повлекување, битка за контрола на градот, или исценирано повлекување од Русите за да ги навлечат Украинците во стапица.

Аналитичарите сметаат дека Русија испратила дел од најискусните борци во регионот, како и дека натрупала муниција и други залихи. Украинската војска вели дека нема назнаки за повлекување на руските сили, и покрај напуштањето на контролните пунктови. Властите во Киев истакнаа дека Москва можеби се обидува да создаде илузија дека нејзините сили го напуштаат Херсон за да ги навлече Украинците во битка. Ако Москва одлучи да го брани градот, воените експерти велат дека би можело да дојде до крвава улична битка. Украинските сили моментно се далеку од градот и наводно се соочуваат со жесток отпор.

Во поглед на непотврдените ограничени информации од двете страни, извесно е дека условите за населението во градот се влошуваат, со прекинот на снабдување со вода и со електрична енергија.

– Тие прават пустина на десниот брег на Днепар. Денес ги кренаа во воздух бандерите, па немаме струја, ниту вода – вели 30-годишниот Петро, кој живее во областа, обвинувајќи ги Русите.

Претставникот на украинските воени власти во Херсон, Јарослав Јанушевич, тврди дека Русите поставиле мини околу резервоарите за вода во градот Берислав, што е на околу 80 километри од Херсон и блиску до брана до линијата на фронтот.

Украинските активисти проценуваат дека во Херсон се преостанати 30 до 60 илјади луѓе, во однос на 250-те илјади што живееле таму пред војната, по повикот за евакуација.