Стихови за есента во творештвото на писателот Стојан Тарапуза

Есенски бал

Есен е. Врне. Во замок од кал
ветерот приредува есенски бал!
На тој џубус чуден, секогаш ист,
лисјата играат рокенрол, твист!
Играат и танго, со скоравен лик,
до последно збогум, до најзаден миг!

Есен е. Врне. Во замок од кал
ветерот приредува проштален бал!
На него свирач е самиот тој
и дождот со својот капежлив рој!

Врне дожд

Врне дожд,
врне дожд.
Секоја капка
е сребрен брош,
секој брош е од
минатото знак,
секој знак е од
облаци траг.

Врне дожд,
врне дожд,
Со смеа се полни
секој кош,
секоја тирка
и секој тир,
секоја длапка и секој вир.

Врне дожд,
врне дожд.
Од него сребрее секој грош,
секое цвеќе и секој цвет,
секоја тревка и секој плет.

Врне дожд,
врне дожд.

Што може есента

Како прво,
есента може да соголи дрво.
Како второ,
може и со ветрот да заигра оро.
Како трето,
може понекогаш да нѐ стопли ко лето.
Како четврто, петто и шесто,
може кога врне, да нѐ загрне со нешто
и под својот чадор да ни направи место.

Есента може и уште нешто,
но во песнава нема веќе место!

Есенска песна

Се развреднија дланките
– смеа берат од гранките

Се зажарија горите
– нови им се декорите.

Се згустија облаците
– дожд истураат од капаците

Се насобраа птиците
– ги наресија жиците.

Есен е

Есен е
Маглишта се влечат.
На скарите костени се печат.
Зад облаците сонцето се крие,
светлината кој ли му ја пие?
Есен е.
Волк некаде вие.
Ветрот скитник гранките ги трие.
Од нив вешто лисјата ги кине
и ги рони – време да му мине!

Есен е.
Дожд на сите страни.
Грачат грачки, гракала и врани
Студот стега, зимата се ближи,
тркалото на времето се движи!

Есента е шарена

Есента е шарена,
џиџена и вжарена,
со ајвар налицкана,
со грозје начичкана,
со сонце облеана,
– од желби насмеана!

Есента е рудеста,
игрива и лудеста,
на реверот носи брош
во рацете – преполн кош,
од преѓа си плете шал
за лисјата нема жал.

Есента е рогата,
вредна и најбогата,
ги полни пазарите,
ги фали лозарите,
смеа сее по нивите
ги развива гривите.

Од кај дојде есента

Од кај дојде есента со својата кола?
Прелета ли со неа преку триста дола?
Изврве ли патишта и прави и криви?
Побара ли поткрепа од ветришта диви?

Лисјата ги пожолте, им измени лика,
горите ги престори во маглеста слика,
од гранките плодовите вешто ги обра,
грозјето од лозјата во акци го собра,
нивите ги изора, браздите ги бакна,
со дождец ги напои, во сонот им гракна!

Реките ги запамти, маглите ги сјати,
радоста на птиците, со студ им ја скрати,
школите ги отвори, ѕвончето го стегна,
децата-ученици во клупи ги седна.

Од кај дојде есента со својата свита?
Сите ли облаци ги прецеди низ сита?
Развеа ли знамиња над предели сиви?
Забрза ли бранови со пенливи гриви?

Прашања се редат, ко рој се ројат,
точните одговори со смев ќе ги појат!