Дмитриј Песков/Фото: Кремљ

Русија нема да дозволи непријателските акции на другите земји да останат без одговор, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Русија ќе одговори во согласност со принципот на реципроцитет кон сите – нагласи Песков.

Зборувајќи за ограничувањата за користење на банкарските сметки на финската амбасада и генералниот конзулат во Русија, Песков на новинарите им рече дека тоа не е иницијатива на руската страна.

– Ние само одговараме на ситуацијата што ја создадоа властите на голем број западни земји, вклучително, на наше жалење, и Финска – рече Песков.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, вчера изјави дека се воведени ограничувања за користење на банкарските сметки на финската амбасада и генералниот конзулат во Русија.

Захарова истакна дека овие акции се одговор на слични ограничувања наметнати на руската дипломатска мисија во Финска, која е ограничена само на користење сметка во финска банка. Таа истакна дека Русија постојано го иницирала прашањето за укинување на ограничувањата за руските дипломатски претставништва пред финската страна.