Италија

Новата италијанска влада, предводена од премиерката Џорџа Мелони, ја стави рафинеријата на рускиот нафтен гигант „Лукоил“ во Приоло, Сицилија, под „привремено управување“ на државата, за да избегне нејзино затворање и да гарантира континуитет во снабдувањето со енергија, како што изјави владин извор.
Медиумите јавуваат дека постоела опасност рафинеријата ИСАБ, една од најголемите во Европа, која е под контрола на „Лукоил“, да го запре производството поради стапувањето во сила на ембаргото од Европската Унија за увоз на руска сурова нафта по морски пат на 5 декември.
– Привремената администрација е планирана за максимален период од 12 месеци – прецизира изворот.
Владата донела декрет за таа цел.
– Итната интервенција има цел во исто време да ги заштити стратегиските национални енергетски локации и нивоата на вработеност, кои се многу важни за Сицилија и за целата земја – рече Мелони во кратката изјава, без да ја прецизира содржината на декретот.
Со ставање на рафинеријата под државен надзор, Рим го следи примерот на Берлин, кој во септември ја презеде контролата врз германските операции на руската нафтена групација „Роснефт“, која таму управува со повеќе рафинерии.
Опстанокот на рафинеријата ИСАБ е доведен во прашање, бидејќи таа е принудена целосно да се снабдува со нафта од Русија, додека пред војната во Украина уделот на руската нафта беше 10-15 проценти. Стравувајќи од санкции, европските банки престанаа да ја финансираат рафинеријата и да ѝ ги даваат потребните гаранции за увоз на нафта од други земји.
ИСАБ има капацитет да рафинира 10 милиони тони сурова нафта годишно, со можност тој да се зголеми на 14 милиони тони. Тој обезбедува околу 20 отсто од националните потреби.
– Ова е привремено решение за да се избегнат „блокирање на машините и активностите и последователни катастрофи за вработеноста“. Одлуката за ставање на компанијата под државен надзор овозможува да се бараат можни купувачи, без нужно да се исклучи опцијата за национализација – коментираше Ренато Сцифани, гувернер на регионот Сицилија, пред министерскиот совет.
Во таа насока, како што објави „Фајненшл тајмс“, американскиот инвестициски фонд „Кросбриџ енерџи партнерс“ преговара за договор со „Лукоил“ за купување на рафинеријата, чија вредност се проценува на 1 до 1,5 милијарда евра.