Јавноста во Велика Британија вџашена

Скандалите што се однесуваат на бебиња и родилки жртви на негрижа на медицински персонал секогаш предизвикуваат жалење и неверување, но бараат итни истраги и казнување на одговорните. Ваков голем скандал моментално ја тресе британската јавност и поради тоа тамошната Национална здравствена служба (НХС) може да се најде во големи проблеми. „Тие ќе мора да се соочат со најголемиот скандал во врска со смртноста на мајките и доенчињата во британската историја доколку истрагата открие проблеми во градската болница во Нотингем или во блискиот Кралски медицински центар (QMC)“, пишува британскиот медиум „Индепендент“, кој ја разоткри оваа непријатна приказна.
„Во истрагата се очекува да бидат вклучени повеќе од 1.500 семејства, што ќе ја надмине бројката од 1.486 семејства што беа некако вклучени во истрагата за досега најголемиот скандал од ваков вид во Шрусбери“, пишува „Индепендент“. Сепак, како што се наведува во написот, целокупната временска рамка на истрагата во Нотингем е пократка: таа покрива инциденти од 2012 година, додека Шрусбери испитувал медицински случаи од 1973 до 2020 година.

Како што открија новинарите, барања за учество во истрагата биле испратени до оние семејства што имале мртвородени деца или кои починале од 24-та недела од бременоста до 28-от ден од животот, како и новороденчиња на кои им била дијагностицирана хипоксична исхемична енцефалопатија или други трауматски повреди на мозокот.
Претходните објави на овој медиум на истата тема пишуваа дека во некои случаи недостигала или воопшто не се чувала клучна медицинска документација, додека во некои други записи имало неточни информации или извештаите биле намерно ублажени според упатствата на управата за да се елиминираат причини за критика.
Неименуван медицински извор изјавил и дека здравствениот тим дозволил да дојде до ситуација недостигот од медицински персонал да достигне опасни нивоа, а соодветните барања на акушерките биле игнорирани и намерно се обидувале да се прикријат трагичните инциденти поврзани со тоа.
„Во исто време, ревизорите веќе мораа да одлучат за исплата на милиони фунти како компензација, откако добија стотици наводи за медицинска небрежност од жртвите“, пишува „Индепендент“.