Во денешниот говор од Црвениот плоштад во Москва рускиот претседател Владимир Путин го обвини Западот дека ризикува глобален конфликт и рече дека никој нема да смее да ѝ се заканува на најголемата нуклеарна сила во светот, додека Русија ја одбележува победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна.
„Додека руските трупи напредуваат против украинските сили поддржани од Западот, Путин ги обвини арогантните западни елити дека заборавиле на одлучувачката улога на Советскиот Сојуз во поразот на нацистичка Германија и поттикнувањето конфликти во светот“ пишува „Гардијан“.
– Знаеме до што водат таквите амбиции. Русија ќе направи сѐ за да спречи глобален конфликт. Но, во исто време нема да дозволиме никој да ни се заканува. Нашите стратешки сили се секогаш во состојба на борбена готовност – рече Путин.
Советскиот Сојуз изгуби 27 милиони луѓе во Втората светска војна, многу од нив во Украина, за на крајот да ги истурка нацистичките сили назад во Берлин, каде Адолф Хитлер изврши самоубиство. Црвеното советско знаме на победата беше подигнато над Рајхстагот во 1945 година.
Безусловната капитулација на нацистичка Германија стапи на сила во 23.01 часот на 8 мај 1945 година, а во Франција, Велика Британија и САД се слави како „Ден на победата во Европа“. Во тоа време, во Москва веќе беше 9 мај, што подоцна стана „Ден на победата“ во Советскиот Сојуз во таканаречената Голема патриотска војна од 1941-45 година.